Select Page

За време на официјалната посета на Република Косово, директорот на АEK г-дин Јетон Акику и претседателот на Управниот одбор на Регулаторното тело за електронски и поштенски комуникации на Република Косово г-дин Назим Рахими во духот на продолжување на одличната соработка меѓу двете институции потпишаа Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за електронски комуникации на Република Северна Македонија и Регулаторното тело за електронски и поштенски комуникации на Република Косово. Во оваа прилика, претставниците на двете институции изразија заложба за продолжување и продлабочување на одличната соработка што ја имале досега и се заложија дека со постигнувањето на овој договор ќе продолжат меѓусебно да се поддржуваат на полињата од заеднички интерес. Меморандумот за соработка има за цел да ги дефинира модалитетите, инструментите и начините на соработка меѓу страните потписнички, со цел да се развијат активности во соодветните области кои ги регулираат двете институции. Покрај потпишувањето на договорот, беа остварени разговори на ниво на експерти од двете земји, кои ги разменија своите искуства во конкретни области како што се: развојот на настаните околу имплементацијата на 5G мрежите, напредокот на имплементацијата на договорот за роаминг во земјите од Западен Балкан, активности поврзани со процесот на решавање на проблемот со производите од сомнителни производители и постигнување нов технички договор за координација на прекуграничните фреквенции. Меморандумот за соработка ги дефинира и областите на заедничко дејствување, кои ќе опфатат размена на искуства и практики во областа на регулирање на пазарот на електронски комуникации и различни форми на заедничка професионална обука, учество на различни меѓународни конференции и симпозиуми.