Select Page

Во врска со одредени објави во медиумите со кои се информира јавноста дека Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ги зголемила платите на вработените за 20%, сметаме дека е потребно да го дадеме следново соопштение:
АЕК во потполност ги демантира сите објави од овој тип. На состанокот на Комисијата на АЕК од 19/12/2018, членовите на Комисијата донесоа Одлука за зголемување на платата за сите вработени за 5% и тоа со важност од 01.01.2019 година. Ваквата одлука Комисијата ја темели на анализата дека последната промена на платата на вработените во АЕК е направена во јуни 2015 година, а во меѓувреме просечната месечна исплатена нето-плата по вработен на ниво на Република Македонија е зголемена за 9%. Тоа значи дека воопшто не станува збор за зголемување на платите на вработените во АЕК за 20%, туку за 4 пати помало зголемување од објавените информации во медиумите и ваквото зголемување е целосно во насока со просечното зголемување на платите на вработените во Република Македонија.
Ставката за плати во Финансискиот план за 2019 е зголемена за 20% во однос на 2018 од причина што во 2019 покрај веќе наведеното зголемување на плата за 5%, се предвидуваат и нови вработувања од профилот на експерти за компјутерска безбедност како и инжинери за електронски комуникации, кои вработувања ќе се спроведат во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација. Овие вработувања се неопходни за да се пополнат работните места кои во изминативе неколку години поради различни причини останале испразнети. Целосното екипирање на АЕК е неопходно за успешно и квалитетно спроведување на законските обврски на АЕК.
Платите во АЕК, на споредбено ниво со платите во компаниите кои вршат регулирана дејност во областа електронски комуникации во Македонија се значително пониски. За споредба, нето платата на врвниот раководен кадар во оператор за електронски комуникациски услуги во Македонија изнесува и до неколку илјади евра во денарска противвредност.

Превземете ги документите:

Соопштение за плати