Select Page

Член 1
Се распишува јавен тендер за доделување на одобренија за користење на радиофреквенции за обезбедување на јавни мобилни комуникациски мрежи и услуги од третата генерација (3G) според стандардот IMT 2000/UMTS во Република Македонија.

Член 2
Предмет на јавниот тендер е доделување на 3 (три) одобренија за користење на радиофреквенции за обезбедување на јавни мобилни комуникациски мрежи и услуги од третата генерација (3G) според стандардот IMT2000/UMTS на целата територија на Република Македонија од следните радиофреквенциски опсези:

1. 2×15 MHz: B1 (1935 – 1950 MHz) и B1′ (2125 – 2140 MHz) UMTS FDD и
5 MHz : b (1905 – 1910 MHz) UMTS TDD

2. 2×15 MHz: C1 (1950 – 1965 MHz) и C1′ (2140 – 2155 MHz) UMTS FDD и
5 MHz: c (1910 – 1915 MHz) UMTS TDD

3. 2×15 MHz: D1 (1965 – 1980 MHz) и D1′ (2155 – 2170 MHz) UMTS FDD и
5 MHz: d (1915 – 1920 MHz) UMTS TDD

Член 3
Право на учество на јавниот тендер за доделување на одобрение за користење на радиофреквенции од член 2 на оваа одлука имаат сите домашни и странски правни и физички лица кои ќе ја подигнат тендерската документација од член 11 на оваа одлука и кои поседуваат или употребуваат јавни мобилни комуникациски мрежи и обезбедуваат јавни мобилни комуникациски услуги.

Член 4
Одобренијата за користење на радиофреквенции што се предмет на овој тендер се издава за време од 10 години со право на продолжување на важноста на одобрението на начин и постапка утврдена во Законот за електронските комуникации.

Член 5
Критериуми за избор на најповолен понудувач за добивање на одобрение за користење на радиофреквенции од член 2 на оваа одлука се:
a) Висината на еднократниот надоместок за добивање на одобрение за користење на радиофреквенции
(ќе се вреднува со 4 поени)
b) Цени за големопродажни услуги и тоа:
– Цени за мобилни услуги 
(ќе се вреднува со 18 поени)
– Цени за фиксни мобилни услуги (Wireless Local Loop)
(ќе се вреднува со 18 поени)
– Цени за Интернет 
(ќе се вреднува со 18 поени)
в) Цени за услуги за граѓани и тоа:
– Цени за мобилни услуги
(ќе се вреднува со 14 поени)
– Цени за фиксни мобилни услуги
(ќе се вреднува со 14 поени)
– Цени за Интернет
(ќе се вреднува со 14 поени)

Член 6
Понудувачот треба да даде писмена изјава дека ќе започне со работа во рок од шест месеци од денот на добивање на одобрението за користење на радиофреквенции, дека во рок од една година од денот на добивање на одобрението за користење на радиофреквенци ќе обезбеди 50% покриеност, а во рок од три години од денот на добивање на одобрението за користење на радиофреквенции ќе обезбеди уште 30% покриеност, односно 80% покриеност на населението на Република Македонија

Член 7
(1) Најнискиот почетен износ на пазарната вредност на радиофреквенциите, како еднократен надоместок за добивање на одобрение за користење на радиофреквенции од член 2 на оваа одлука изнесува 10.000.000 евра.

(2) Понудувачите треба да достават банкарска гаранција во износ од 10% од висината на понудениот износ на еднократниот надоместок за довивање на одобрение за користење на радиофреквенции од член 2 на оваа одлука.

Член 8
Понудувачот има право да поднесе една понуда за доделување на одобрение за користење на радиофреквенции од член 2 на оваа одлука

Член 9
(1) Рокот за доставување на понудите е 60 дена од денот на објавување на јавниот тендер во ˝Службен весник на Република Македонија˝.

(2) Понудата и придружната документација треба да се достават во еден оригинален примерок во писмена форма на македонски јазик, а техничките термини можат да бидат на англиски јазик, потпишани и заверени од одговорното лице на понудувачот.

(3) Понудата треба да се достави во затворен коверт во кој треба да се стават два затворени и запечатени коверти. Едниот внатрешен коверт ја содржи понудата и носи ознака ˝ПОНУДА˝, а другиот внатрешен коверт ја содржи документацијата и носи ознака ˝ДОКУМЕНТАЦИЈА˝.

(4) На предната страна на ковертот на горниот лев агол треба да биде испечатен текст ˝НЕ ОТВОРАЈ˝ и бројот кој се однесува на тендерот, а во средината на ковертот адреса на која треба да се достави понудата.

Член 10
(1) Јавното отворање на понудите ќе се изврши во просториите на Агенцијата за електронски комуникации на 13.11.2008 година во 11:00 часот.

(2) Претставниците на понудувачите кои ќе присуствуваат на јавното отворање на понудите, треба да и предадат на Комисијата за спроведување на јавниот тендер писмено овластување од понудувачот за учество на јавното отворање.

Член 11
Заинтересираните страни можат да ја добијат тендерската документација по уплата на износ од 500 (петстотини) евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на една од сметките на Агенцијата за електронски комуникации во Тутунска банка-Скопје или во Комерцијална банка-Скопје, а истата ќе може да се подигне во архивата на Агенцијата за електронски комуникации секој работен ден од 08:30 до 16:30 часот, почнувајќи од 19.09.2008 година.

Член 12
(1) Лице за контакт од кои заинтересираните страни можат да добијат дополнителни информации исклучиво во писмена форма преку електронска пошта, е 
Миле Вељанов 
е-маил: mile.veljanov@aec.mk

(2) Сите прашања и одговори во врска со јавниот тендер, ќе бидат објавувани анонимно на веб страната на Агенцијата за електронски комуникации, со адреса www.aec.mk

Член 13
Потребната придружна документација ќе биде поблиску специфицирана во тендерската документација.

Член 14
Понудувачите ќе бидат известени за донесената одлука по јавниот тендер во рок од 7 дена од нејзиното донесување.

Член 16
Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во ˝Службен весник на Република Македонија˝.

Бр. 11-198/1
11.09.2008 година

Агенција за електронски комуникации
Комисија 
Софче Јовановска, претседател