1. ПРЕДМЕТ НА ЈАВНИОТ ТЕНДЕР
1.1 Доделување на 2 (две) одобренија за користење на радиофреквенции за обезбедување на јавни мобилни комуникациски мрежи и услуги од третата генерација (3G) според стандардот IMT 2000/UMTS во Република Македонија од следните радиофреквенциски опсези:
2×15 МHz: C1 (1950 – 1965 MHz) и C1′ (2140 – 2155 MHz) UMTS FDD и
5 МHz: c (1910 – 1915 МHz) UMTS TDD
2×15 МHz: D1 (1965 – 1980 MHz) и D1′ (2155 – 2170 MHz) UMTS FDD и
5 МHz: d (1915 – 1920 MHz) UMTS TDD
1.2 Одобренијата за користење на радиофреквенции што се предмет на овој тендер се издаваат за време од 10 години со право на продолжување на важноста на одобрението на начин и постапка утврдена во Законот за електронските комуникации.
2. УСЛОВИ, БАРАЊА И КВАЛИФИКАЦИИ НА ПОНУДУВАЧИТЕ
2.1 Право на учество на јавниот тендер за доделување на одобрение за користење на радиофреквенции од точка 1 потточка 1.1 на овој тендер имаат сите домашни и странски правни лица кои ќе ја подигнат Тендерската документација од точка 7 на овој јавен тендер и кои поседуваат или употребуваат јавни мобилни комуникациски мрежи и обезбедуваат јавни мобилни комуникациски услуги.
2.2 Понудувачот треба да даде писмена изјава дека ќе започне со работа во рок од 6 месеци од денот на добивањето на одобрението за користење на радиофреквенции, дека во рок од една година од денот на добивање на одобрението за користење на радиофреквенции ќе обезбеди 50% покриеност, а во рок од три години од денот на добивање на одобрението за користење на радиофреквенции ќе обезбеди уште 30% покриеност, односно 80% покриеност на населението во Република Македонија.
3. КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР
Критериуми за избор на најповолен понудувач за добивање на одобрение за користење на радиофреквенции од точка 1 потточка 1.1 на овој тендер се:
a) Висината на еднократниот надоместок за добивање на одобрение за користење на радиофреквенции
(ќе се вреднува со 4 поени)
b) Цени за големопродажни услуги и тоа:
– Цени за мобилни услуги
(ќе се вреднува со 18 поени)
– Цени за фиксни мобилни услуги (Wirelless Local Loop)
(ќе се вреднува со 18 поени)
– Цени за Интернет
(ќе се вреднува со 18 поени)
в) Цени за услуги за граѓани и тоа:
– Цени за мобилни услуги
(ќе се вреднува со 14 поени)
– Цени за фиксни мобилни услуги
(ќе се вреднува со 14 поени)
– Цени за Интернет
(ќе се вреднува со 14 поени)
4. ПОЧЕТЕН ИЗНОС НА ПАЗАРНАТА ВРЕДНОСТ
4.1 Најнискиот почетен износ на пазарната вредност на радиофреквенциите, како еднократен надоместок за добивање на одобрение за користење на радиофреквенции од точка 1 потточка 1.1 на овој тендер изнесува 5.000.000 евра (пет милиони евра).
4.2 Понудувачот треба да достави банкарска гаранција во износ од 10% од висината на понудениот износ на еднократниот надоместок за довивање на одобрение за користење на радиофреквенции од точка 1 потточка 1.1 на овој тендер со важност од 4 (четири) месеци од денот на отворањето на понудите.
5. РОК И НАЧИН НА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ПОНУДАТА И ПРИДРУЖНАТА ДОКУМЕНТАЦИЈА
5.1 Рокот за доставување на понудите е 40 дена од денот на објавување на јавниот тендер во ˝Службен весник на Република Македонија˝.
5.2 Понудувачот има право да поднесе една понуда за добивање на одобрение за користење на радиофреквенции од точка 1 потточка 1.1 на овој тендер.
5.3 Понудата и придружната документација треба да се достават во еден оригинален примерок во писмена форма на македонски јазик, а техничките термини можат да бидат на англиски јазик, потпишани и заверени од одговорното лице на понудувачот.
5.4 Понудата треба да се достави во затворен коверт во кој треба да се стават два затворени и запечатени коверти. Едниот внатрешен коверт ја содржи понудата и носи ознака ˝ПОНУДА˝, а другиот внатрешен коверт ја содржи документацијата и носи ознака ˝ДОКУМЕНТАЦИЈА˝.
5.5 На предната страна на ковертот на горниот лев агол треба да биде испечатен текст ˝НЕ ОТВОРАЈ˝ и бројот кој се однесува на тендерот, а во средината на ковертот адреса на која треба да се достави понудата, и тоа:
AGENCY FOR ELECTRONIC COMMUNICATIONS
(Комисија за спроведување на јавен тендер- 3G)
Ул. Димитрие Чуповски бр. 13, 1000 Скопје
Република Македонија
5.6 Потребната придружна документација ќе биде поблиску специфицирана во тендерската документација.
6. АДРЕСА, МЕСТО, ДАТУМ И ВРЕМЕ НА ЈАВНОТО ОТВОРАЊЕ НА ПОНУДИТЕ
6.1 Јавното отворање на понудите ќе се изврши во просториите на Агенцијата за електронски комуникации на 08.03.2009 година во 11:00 часот.
6.2 Претставниците на понудувачите кои ќе присуствуваат на јавното отворање на понудите, треба да и предадат на Комисијата за спроведување на јавниот тендер писмено овластување од понудувачот за учество на јавното отворање.
7 ТЕНДЕРСКА ДОКУМЕНТАЦИЈА
Заинтересираните страни можат да ја добијат тендерската документација во архивата на Агенцијата за електронски комуникации секој работен ден од 08:30 до 16:30 почнувајќи од 28.01.2009 година, по уплата на износ од 200 (двестотини) евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на една од следните сметки на Агенцијата за електронски комуникации:
– за уплата во денари
Агенција за електронски комуникации
Жиро сметка: 210060052840142
Депонент банка: Тутунска Банка АД Скопје
Даночен број: МК4030005556148
– за уплата во евра
Agencija za elektronski komunikacii
Banka deponent: NLB Tutunska Banka
ul.12-ta Мakedonska brigada br.20 Skopje, Republika Makedonija
IBAN MK 07 210 3 00000 2849 48
SWIFT address: TUTNMK 22
8. ЛИЦА ЗА КОНТАКТ И ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИ
8.1 Лице за контакт од кого заинтересираните страни можат да добијат дополнителни информации исклучиво во писмена форма преку електронска пошта е:
Миле Вељанов
е-маил: mile.veljanov@aec.mk
8.2 Сите прашања и одговори во врска со јавниот тендер, ќе бидат објавувани анонимно на веб страната на Агенцијата за електронски комуникации, со адреса www.aec.mk
9. РОК ЗА ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА ДОНЕСЕНАТА ОДЛУКА
Понудувачите ќе бидат известени за донесената одлука по јавниот тендер во рок од 7 дена од нејзиното донесување.