Агенцијата за електронски комуникации и Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT, во соработка со DCAF – Geneva Centre for Security Sector Governance, организират работилница на тема “Координација и комуникација при одговор на инциденти за компјутерска безбедност”, од 15 до 17 октомври 2019 година во хотел „Бистра“, Маврово. Работилницата се реализира во рамките на проектот „Зајакнување на управувањето со компјутерската безбедност во Западен Балкан“ (јули 2018 до март 2021 година). Овој проект е финансиран од Канцеларијата за надворешни работи и комонвелт на Владата на Велика Британија (FCO) и има за цел да придонесе за поефикасно и одговорно управување со компјутерската безбедност во Западен Балкан и да ја зголеми регионалната соработка во областа на сајбер-безбедноста. Една од целите на проектот е да ја поддржи националната координација за сајбер-безбедност во нашата земја. Работилницата има за цел да се зголеми свеста на националните носители на одлуки за потребата од холистички пристап кон управувањето со компјутерската безбедност и одговор на сајбер-инциденти, како и да се прикажат примери на добри практики од други земји од регионот и да се поттикне развој на национална неформална мрежа на доверба. Дополнително, дел од работилницата е втората годишна вежба за координација на одговор по сајбер-инциденти на национално ниво што ќе се одржи на 16 октомври 2019 година. Цели на вежбата се да им овозможи на учесниците да идентификуваат дополнителни релевантни национални чинители кои треба да бидат вклучени во одговорот на инциденти во компјутерската безбедност, и учесниците да ги тестираат постојните национални процедури за комуникација при сајбер инциденти. Директорот на Агенцијата за електронски комуникации Сашо Димитријоски, во својот поздравен говор истакна дека Агенцијата и MKD-CIRT како нејзин составен дел се посветени на градење на доверба и јакнење на капацитетите кај главните чинители во областа на сајбер-безбедност во државата. Тој истакна дека е неопходна соработка меѓу јавниот, владиниот и приватниот сектор како и операторите на критична информациска инфраструктура, како предуслов кон градење на општество кое е отпорно на сајбер-напади. Активностите за координација на одговор по сајбер-инциденти на национално ниво ги координира MKD-CIRT и во таа насока ќе се реализира и втората годишна вежба на 16 октомври 2019 година. На настанот се обрати амбасадорката Рејчел Галовеј која ја изрази поддршката на Велика Британија и укажа на значењето на сајбер-безбедноста врз националната безбедност и просперитет. На работилницата во следните три дена ќе учествуваат 40 претставници од јавниот, владиниот и приватниот сектор како и оператори на критична информациска инфраструктура. Дополнително, своето знаење и експертиза ќе го презентираат меѓународни експерти за управување со сајбер-безбедност и координација на одговор со компјутерски инциденти од регионот.
Работилница за Координација и комуникација при одговор на инциденти за компјутерска безбедност, 15-17 октомври 2019
HOME » Announcements » Работилница за Координација и комуникација при одговор на инциденти за компјутерска безбедност, 15-17 октомври 2019
16/10/2019