Нотификацијата содржи потпис на законскиот застапник овластен во писмена форма и печат на подносителот. Доколку подносителот на нотификацијата претставува група на компании (асоцијација, спојување од неколку фирми, итн.) законскиот застапник мора да биде овластен од сите компании или пак од компанијата која ја има контролната улога во групата.
Агенцијата врши регистрација на подносителот на нотификацијата со запишување во службената евиденција на Агенцијата во рок од 15 (петнаесет) дена од приемот на нотификацијата, по која ќе му се достави писмена потврда за извршена регистрација.
Нотификација за прекин во обезбедувањето на одредена јавна електронска комуникациска услуга се поднесува во рок не пократок од 30 (триесет) дена пред предложениот прекин на јавната електронска комуникациска услуга. Во тој случај, подносителот на нотификацијата доставува изјава дека ги има известено корисниците на јавната комуникациска услуга за планираниот датум на прекин во обезбедувањето на јавната електронска комуникациска услуга и дека ги има превземено сите мерки согласно Законот за електронските комуникации и подзаконските прописи донесени врз негова основа.
По нотифицирањето, согласно член 23 од Законот за електронските комуникации, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи и давателите на јавни електронски комуникациски услуги се должни да и ги доставуваат на Агенцијата за електронски комуникации информации и финансиски податоци заради извршување на нејзините надлежности, во дефинирана форма.
Воедно, операторите на јавни комуникациски мрежи и/или давателите на јавни комуникациски услуги се должни да ги објават видот и содржината на податоците во врска со општите услови за пристап и користење, цените и тарифите и параметрите за квалитет на јавните комуникациски услуги, а во согласност со листата на стандарди и/или спецификации за електронски комуникациски мрежи, услуги и придружни средства и услуги, објавена во службено гласило на Европската унија (О.Ј. Ц 331 од 31.12.2002).