Директорот на Агенцијата за електронски комуникации вчера учествуваше на состанок со регулаторите на петте земји на Западен Балкан – Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово, на кој што се дискутираше за потребните координирани активности помеѓу регулаторите со цел да се направи навремена и синхронизирана имплементација на Спогодбата за укинување на роаминг цените започнувајќи од 1ви Јули 2021. Овој состанок се одржа во рамките на Дигиталниот Самит кој што деновиве се одржува во Белград, каде се потпиша спогодбата за намалување на цените на роаминг услугите на земјите на Западен Балкан.
Започнувајќи од 1ви Јули 2021 година се предвидува напуштање на цените за роаминг услугите, односно воведување на цени за роаминг услуги исти како цените на електронските комуникациски услуги на домашниот пазар (eng. Roaming Like At Home). Тоа значи дека корисниците на роаминг услугите во земјава започнувајќи од 1ви јули 2021 нема да доплаќаат повисоки цени од домашните тарифни модели за користење на роаминг услугите кога ќе патуваат во останатите пет земји потписнички на оваа спогодба, без разлика дали станува случај за користење на интернет, говор или СМС. Влезниот повик во роаминг ќе се третира исто како и влезниот повик во домашниот пазар односно без дополнителен надоместок за корисникот. Користењето на роаминг услуги под вакви поволности ќе биде регулирано само под одредени политики за фер користење и одржливост, кои што ќе бидат пропишани од страна на Агенцијата за електронски комуникации. Овие политики за фер користење и одржливост ќе бидат пропишани со цел да се отстранат можностите за залоупотреба, како и да се задржи одржливоста во финансиското работење на операторите.
Но граѓаните не траба да ги чекаат придобивките од оваа спогодба до 1ви Јули 2021, бидејќи првото намалување на цените на роаминг услугите ќе започне од 1ви Јули 2019 година. Започнувајќи од 1ви Јули 2019 година, па се 30ти Јуни 2021 кога цените за роаминг услугите ќе исчезнат, се воведува преоден или транзитен период во кој период операторите за роаминг услугите ќе може да наплаќаат само одреден дополнителен надоместок на националните електронски комуникациски малопродажни цени.Согласно потпишаната спогодба овој дополнителен надоместок не може да биде поголем од околу 3 денари (0,05 евра) за роаминг појдовни повици. Додека пак малопродажната цена за влезните роаминг повици ќе биде околу 2.5 денари во првата година започнувајќи од 1ви јули 2019 година, односно околу 1,5 денари во втората година започнувајќи од 1ви јули 2020 година. Слични намалувања на роаминг услугите се очекува и за СМС пораките, со тоа што излезните СМС пораки нема да бидат поскапи од 3,7 денари, додека влезните СМС пораки ќе бидат бесплатни.
Ваквата спогодба ќе придонесе до намалување на цените за роаминг повици во просек од 50-70 % уште во првата година од нејзиното имплементирање споредено со моменталните цени на регулираните малопродажни роаминг повици со четирите земји потписнички на претходната Спогодба за намалување на роаминг усуги која што беше потпишана на 29/09/2014 во Будва.