Заради зголемениот број на приговори од крајни корисници на електронски комуникации, а кои се однесуваат на наградни игри организирани од даватели на услуги преку операторите на мобилна телефонија во Р. Македонија, Агенцијата за електронски комуникации го издаде следното соопштение:
Во однос на приговорите кои се однесуваат за учество во наградни игри, АЕК постапува како и по сите пристигнати приговори, согласно Законот за електронски комуникации, Правилникот за општи услови и останатите подзаконски акти. Секој пристигнат приговор ќе биде внимателно проучен од инспектор за електронски комуникации и ќе биде постапено со инспекциски надзор и ќе биде донесено соодветно решение. Секаде каде што инспекторот ќе утврди неправилност, приговорот на корисникот ќе биде усвоен и операторот ќе биде задолжен да изврши поврат на средствата. Тоа ќе бидат случаи кога корисникот во претплатничкиот договор не дал согласност за директен маркетинг или не дал согласност за учество во наградната игра. Затоа, во насока на заштита на крајните корисници на електронски комуникации, Агенцијата за електронски комуникации ве известува:
- Доколку претплатникот не сака да биде изложен на директен маркетинг од страна на својот оператор (како пример, рекламирање на наградна игра), да провери во својот претплатнички договор дали има дадено согласност за директен маркетинг и во случај да има, да ја отповика.
- Пред да даде согласност за учество во наградна игра, претплатникот да ги простудира официјалните правила на наградната игра кои, согласно законските прописи мора да бидат јавно објавени. Воедно, ги охрабруваме корисниците на електронски комуникации, доколку им се потребни дополнителни информации или совет, да се обратат на бесплатниот број 190 или по електронски пат на www.komuniciraj.mk.
Ве уверуваме дека Агенцијата за електронски комуникации води постојана грижа за корисниците на електронски комуникации.
Соопштение за јавност