Select Page

Како и секаде во светот, така и во Македонија, Корона вирусот ги афектираше сите сектори во националната економија. Секојдневно сме сведоци, преку официјалната државна статистика, како економијата опаѓа од ден во ден. Владата се обидува да го намали падот во економијата преку воведување на многу мерки. Сите граѓани на Македонија можат да го почуствуваат влијанието кое што Корона вирусот го предизвикува. Голем дел од вработените се со намалени приходи, а некои од нив ја имаат загубено и нивната работа. Пред повеќе од 15 дена македонската Влада ги олесни претходно воведените мерки за борба пртоив Корона вирусот и како резултат на тоа олеснување веќе се забележува зголемен број на луѓе кои се инфицирани со вирусот.

      Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), како регулаторно тело во областа на електронските комуникации, од секојдневната комуникација со претставниците на операторите, заклучи дека во услови на Корона вирус, кога најголемиот дел од населението ги спроведува секојдневните обврски од дома, онлајн, мрежните капацитети со кои располагаат операторите се доведени скоро до максимална искористеност и поради тоа е потребен и соодветен одговор на новонастанатата состојба. Тоа значи дека операторите се соочуваат со многу интервенции во одржувањето на нивните мрежи, а корисниците тоа го чувствуваат преку добивање на услуги со несоодветен квалитет и повисоки сметки, особено во делот за интернет услугата. Согласно постоечките законски решенија операторите се соочуваат со долготрајни постапки за зголемување на ресурсите во телекомуникациската инфраструктура, особено во транспортната мрежа и во радио пристапната мрежа. Имајќи го тоа во предвид, АЕК успешно одговори на  тековните предизвици. Имено, АЕК ги разгледа и ги зема предвид барањата на операторите, а уште повеќе и на крајните корисници, пред се оние на бизнис заедницата и предложи серија на мерки до Владата за да се овозможи дополнително доделување на радиофреквенциски опсези и радиофреквенции. Овие предлог мерки резултираа со донесување на Уредба од 10/06/2020 каде се дефинирани овие мерки и што е уште повеќе битно, Уредбата прецизно кажува дека радиофреквенциите кои ќе се доделат ќе бидат бесплатни така што операторите нема да бидат финансиски оптоварени со што се очекува дека и крајните корисници нема да бидат дополнително финансики оптоварувани.

Со Уредбата со законска сила за начинот на користење на радиофреквенциски опсези за време на вонредна состојба се уредува:

– начинот на користење и плаќање на годишниот надоместок за 2020 година за користење на радиофреквенции во радиодифузна служба (радија) во радиофреквенцискиот опсег 87.5-108 MHz,

– начинот на издавање на привремено одобрение за проширување на постоечки радиофреквенциски линкови и привремено одобрение за дополнителни радиофреквенциски линкови,

– начинот на издавање на привремено одобрение за користење на слободен радиофреквенциски опсег заради обезбедување на широкопојасен пристап до услуги (broadband),

– начинот на издавање на привремено одобрение за користење на радиофреквенциските опсези: 1920-1935/2110-2125 MHz, 1945-1950/2135-2140 MHz или 1965-1980/2155-2170 MHz, како и

– начинот на доделување на броеви од Планот за нумерација наменети за обезбедување на услуги поврзани со пандемијата на COVID-19 вирусот или услуги кои се директно предизвикани од истата, за време на траење на вонредната состојба.

Се што е наведено во Уредбата е бесплатно и АЕК веќе започна со доделување на наведените радиофреквенции. Во наведениот радиофреквенциски опсег од 2100 MHz, определени оператори го проширија нивниот досегашен капацитет за 100 % од досегашниот со кој располагаа. Исто така до АЕК, до овој момент се поднесени над 280 барања за зголемување на капацитетите во линковските врски на операторите. Овие барања стручните служби на АЕК веднаш започнаа да ги обработуваат за што ќе бидат издадени соодветни одобренија во најкус временски период при што капацитетите за транспорт на сообраќајот на операторите ќе се зголемат за најмалку 2 пати, а на некои релации дури и за 4 пати.

         Со ова Соопштение АЕК сака да ја информира јавноста дека после констатираните недостатоци за кои беа преземени мерки во областа на електронските комуникации и се олесни работата на операторите, во време на траење на вонредната состојба, за очекување е дека и од страна на операторите ќе се добие соодветен одговор, односно дека ќе дојде до намалување на цените на електронските комуникациски услуги кои ги обезбедуваат операторите кон крајните корисници.

 

 

Скопје, 18/06/2020