Аматерска служба е радиокомуникациска служба наменета за обучување на поединци, одржување на меѓусебна комуникација и технички истражувања што ги вршат аматери, односно овластени лица кои се интересираат за радиотехника само од лични побуди и без паричен надомест.
Барањето за издавање на одобрение за користење на радиофреквенции во аматерска служба се поднесува до Агенцијата во пишана форма согласно Правилник за формата и содржината на барањето за издавање на одобрение за користење на рф.
При поднесување на барањето за издавање на одобрение за користење на радиофреквенции се поднесува:
- пополнет образец Барање за издавање на одобрение за користење на радиофреквенции во радиоаматерска служба,
- доказ за извршена уплата на административна такса во износ од 550 ден (копија од уплатница) согласно Упатство за уплата на административни такси и
- Диплома за положен радиоаматерски испит.
Начин на пријавување и полагање радиоаматерски испит
Кандидатот, кој сака да полага испит за радиоаматерски оператор (во понатамошниот текст: испит), треба до Агенцијата да поднесе:
- пополнето писмено барање – пријава за испит Пријава за полагање на испит за радиоаматерски оператор
- извод од матична книга на родени (копија)
- уверение за државјанство (копија),
- за кандидати помлади од 18 години и согласност од законскиот застапник (заверена на нотар).
Странски државјанин кон барањето треба да приложи копија од пасош и доказ за регулиран престој.
Испит за А класа може да полагаат само кандидати со наполнети 16 години, а за P класа со наполнети 12 години.