Делегација од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) на чело со Директорот Роберт Орданоски на 05 и 06 Декември 2013 година присуствуваше на Пленарната седница на Европското тело на регулатори за електронски комуникации (BEREC) во Будимпешта, Унгарија, на која присуствуваа највисоките претставници на регулаторните тела од земјите членки на Европска Унија, земјите кандидати за проширување и земјите членки на ЕФТА. На оваа Пленарна седница, меѓу останатите работи предвидени со дневниот ред, покрај г-н Роберт Орданоски кој е претставник од земјите кои учествуваат во работата на BEREC, а не се членки на Европската Унија, беа избрани останатите членови, потпретседатели, на Бордот на директори на BEREC за 2014 година.
Членови на Бордот на директори на BEREC за 2014 ќе бидат (од лево на десно на сликата):
- г-н Роберт Орданоски, Директор на Агенцијата за електронски комуникации, Македонија
- г-н Жак Хаманд, Претседател на Институтот за пошти и телекомуникации, Белгија
- г-ѓа Марија Фатима Барос, Претседател на Националниот регулатор за комуникации, Португалија
- г-н Гјоран Марби, Генерален директор на Регулаторот за пошти и телекомуникации, Шведска
- г-н Домагој Јурјевиќ, Потпретседател на Агенцијата за пошти и електронски комуникации, Хрватска
- г-ѓа Аста Сихвонен Пунка, Генерален директор на Регулаторот за комуникации, Финска (не е прикажана на сликата)
Претставникот на регулаторното тело од Шведска г-н Гјоран Марби кој ќе биде Претседател на Бордот на директори на BEREC во 2014 година ја презентира програмата за работа на BEREC за 2014 година, според која може да се заклучи дека ќе биде една од поактивните години во пресрет на новата европска регулатива за електронски комуникации која е наречена “Мерки во врска со Европски единствен пазар за телекомуникации за создавање на поврзан континент” (https://ec.europa.eu/digital-agenda/en/news/regulation-european-parliament-and-council-laying-down-measures-concerning-european-single), што се очекува да биде усвоена во текот на наредната пролет. Покрај тоа ќе има доста активности поврзани со новиот предлог на препораки за релевантни пазари за регулација, останати регулативи за поттикнување на инвестиции во областа на електронски комуникациски мрежи од следната генерација и многу други активности.Новиот Бордот на директори, официјално ќе ја започне својата работа со првиот состанок на Бордот на директори, кој ќе се одржи на 10.01.2014 година во Стокхолм, Шведска.Преку потпретседателското место во Бордот на директори, меѓу другото, АЕК ќе учествува во важна година за создавање на европската регулатива и ќе може да предлага и да заштити, иницијативи и идеи кои се од посебен интерес за граѓаните на Република Македонија.Генералниот директор на Директоратот за комуникациски мрежи, содржина и технологија (DG CONNECT) на Европската Комисија, г-н Роберт Маделин, повторно ја презентира содржината на новата предложена регулатива. Оваа регулатива беше предложена во првата половина на Септември од страна на Европската Комисија до Европскиот Парламент по што се очекува нејзино усвојување до Април 2014 година. Со неа Европската комисија предлага значителни измени на регулативната рамка од 2009 година со што се опфатени прашања кои се однесуваат на укинување на роамингот во земјите од Европска Унија, единствена нотификација на цела територија на Европска Унија, хармонизација на управувањето со радиофреквенцискиот спектар и заштита на правата на корисниците на широкопојасен интернет во однос на ограничување на пристап до одредени содржини и апликации.Исто така на Пленарната седница на Европското тело на регулатори за електронски комуникации, во Будимпешта, беше направен и избор на нов менаџер на канцеларијата на BEREC која е сместена во Рига, Латвија.
Со почит,10.12.2013
Agjencia e Komunikimeve Elektronike