Агенцијата за електронски комуникации на Република Северна Македонија во соработка со Меѓународната Унија за Телекомуникации оваа година заедно прославуваат троен јубилеј:
- 25 години од основање на Управата за телекомуникации – орган во состав на Министерството за транспорт и врски како регулаторно тело за либерализација на пазарот на телекомуникации во Република Македонија;
- 20 Години од воспоставување на Агенцијата за електронски комуникации како самостојно, непрофитно и независно регулаторно тело со јавни овластувања утврдени со закон и
- 160 години од постоењето на Меѓународната Унија за телекомуникации, кога на 17 мај 1865 година, првата меѓународна телеграфска конвенција беше потпишана во Париз од нејзините дваесет основачки членки и беше основана Меѓународната телеграфска унија (првата инкарнација на ITU), а сега специјализирана агенција на Обединетите нации одговорна за многу прашања поврзани со информациско-комуникациските технологии.
По тој повод на 20 и 21 Мај 2025 година во Скопје во организација и гостопримство на Агенцијата за електронски комуникации се одржува Меѓународната Регулаторна Конференција 2025, настан кој Агенцијата за електронски комуникации го организира секоја година, но оваа година со посвечен тон и во соработка со Меѓународната Унија за Телекомуникации.
Меѓународна Регулаторна Конференција 2025 ќе се одвива како дводневен настан под мотото „Употреба на технологијата за дигитална иднина“ ставајки акцент на развојот на дигитализацијата и дигиталните алатки со што ќе се нагласи развојната улога на националните регулаторни тела кон забрзаната дигитална трансформација пропратена со брзиот развој на технологијата како движечка сила во општеството во современиот свет .
Други клучни теми кои ќе бидат предмет на Агендата на оваа конференција се: управување со спектарот и сајбербезбедноста, потенцирајки ја регионалната соработка, приоритетите и стратегиите за овозможување безбеден сајбер простор, мапирањето на дигиталните инфраструктури за премостување и поврзување како во Европа така и пошироко и новите пристапи кон регулаторните рамки со кои се соочуваат новите технологии.
На оваа Конференција приисуствуваат и гости од владиниот сектор, официјални лица од Меѓународната Унија за телекомуникации, регулаторните тела од регионот и од Европската Унија, како и претставници од академската фела, оператори и останати компании и други чинители на глобалниот комуникациски пазар.