На 12 март 2026 година, во просториите на Агенцијата за електронски комуникации во Скопје, се одржа настан на тема „Сајбер безбедност и MKD-CIRT – заштита на критичната инфраструктура и решенија за институциите“, во организација на Агенцијата за електронски комуникации преку MKD-CIRT.
Настанот беше посветен на унапредување на институционалните капацитети за справување со современите сајбер закани, јакнење на меѓуинституционалната соработка и афирмирање на законската и оперативната рамка за обезбедување сајбер-безбедносни услуги за субјектите од надлежност на MKD-CIRT.
На настанот се обратија министерот за дигитална трансформација, г-дин Стефан Андоновски, директорот на Агенцијата за електронски комуникации, г-дин Јетон Акики, како и раководителот на MKD-CIRT, г-дин Севдали Селмани.
Се даде осврт на улогата на АЕК преку MKD-CIRT во националниот систем за сајбер безбедност, како и на законската основа за обезбедување услуги за субјектите од негова надлежност, согласно Законот за безбедност на мрежни и информациски системи.
Притоа беше истакнато значењето на јасно утврдените надлежности, навременото известување за инциденти, проактивниот пристап во управувањето со ризици, како и потребата од континуирана координација и соработка меѓу надлежните институции.
Во продолжение на програмата беа презентирани практични искуства и резултати од спроведување на услуги за сајбер-безбедносен надзор над мрежна инфраструктура, како и управувани услуги за сајбер безбедност и одговор на инциденти.
Посебно внимание беше посветено на понатамошното унапредување на соработката помеѓу MKD-CIRT, MKD-G-CSIRT и Министерството за дигитална трансформација, со цел зајакнување на националната сајбер отпорност и обезбедување координиран институционален одговор на современите безбедносни предизвици.
Агенцијата за електронски комуникации преку посебниот сектор MKD-CIRT и во иднина ќе продолжат посветено да работат на јакнење на сајбер безбедноста, поддршка на институциите и развој на сигурна, отпорна и доверлива дигитална средина.



