На прес конференцијата одржана на 18.01.2010 год. од страна на претставници на Агенцијата беше презентиран Извештајот за развојот на пазарот на електронските комуникации за третиот квартал за 2009 година и тоа состојбите во областа на фиксната телефонија, мобилната телефонија и интернет пристапот.
Констатираме дека регулаторните мерки се движат во насока на се поголема либерализација на пазарот на електронските комуникации како и зголемување на нивото на степенот на конкуренција. Ова придонесува до зголемување на разновидноста на понудата до крајните корисници и квалитетот на услугите што се нудат. Се констатира зацврснување на состојбата на алтернативните оператори на пазарот на фиксни телефонски услуги со зголемување на нивниот пазарен удел, што индиректно ја потврдува констатацијата на Агенцијата за зголемување на степенот на конкуренција што постои на тој пазар, меѓутоа се констатира благ пад на учеството на алтернативните оператори во oднос на остварени приходи од меѓународниот сообраќај и раст на учеството на алтернативните оператори во oднос на остварени приходи од националниот сообраќај .
Кај корисниците на интернет настанува постепен преминување од користење на тесно појасен интернет пристап на широкопојасен интернет пристап. Во овој квартален извештај настанува поголема варијација кај бројот на претплатници кои користат услуга на интернет со широкопојасен пристап преку мобилна мрежа, со тоа што нивниот број расте. Ова се јавува од причина што мобилните оператори Т Мобиле и ОНЕ, доставуваат податоци до Агенцијата во кои ги даваат своите корисници како корисници на интернет преку 3Г технологија иако има и такви кои користат преку постоечката 2Г технологија, во зависност од мрежната покриеност и видот на телефонски апарат што го користат претплатниците. Од причини што тие не можат да ги издвојат 2Г од 3Г корисниците истите ги даваат во вкупна бројка на 2Г/ 3Г корисници. Во Извештајот за развојот на пазарот за третиот квартал 2009 година истите се презентирани како
корисници на услугата пристап до интернет со широк опсег.
Бројот на претплатници во мобилна телефонија за третиот квартал 2009 година се однесува на активни претплатници кои во последните три месеци предизвикале на некој начин електронски комуникациски настан, според дефинирањето на активен претплатник. Констатираме зголемена пенетрација на пазарот за јавни мобилни телефонски услуги.
Од страна на новинарите акцентирано беше прашањето во врска со можностите за влез на четврт мобилен оператор на Македонскииот телекомуникациски пазар. На истото Агенцијата го повтори сопствениот став дека има расположиви ресурси во фреквенцискиот спектар за 3Г технологија и за истите има објавено тендер кој е во постапка. Воедно, Испитување на јавното мислење на крајните корисници за услугите понудени на пазарот на електронски комуникации во Република Македонија покажа дека граѓаните сакаат да имаат избор на повеќе компании кои нудат услуги на мобилна телефонија односно на прашањето ,, Дали би сакале да имате избор на повеќе компании кои нудат услуги на мобилна телефонија 77 % од испитаниците одговориле потврдно.
Извештај за развојот на пазарот на електронските комуникации за третиот квартал 2009 година (3.86 MB 2010-01-18)