Како да го пренесам претплатничкиот број?

Во Република Македонија се применува едно-шалтерски систем за услугата преносливост на број. Имено, претплатникот оди во специјализираната продавница за грижа за корисници на операторот чиј претплатник сака да стане со пренесување на постојниот број и пополнува Барање за склучување на претплатнички договор со пренесување на број. –Прилог1 на Правилникот за преносливост на броеви
Потоа следува комуникација меѓу операторот-примател (операторот кај кого сака да премине претплатникот) и операторот-давател (операторот што постојно го опслужува претплатникот). Комуникацијата меѓу операторите е со цел да се провери дали претплатникот е постоен корисник на операторот-давател и дали ја има подмирено последната сметка доставена од операторот-давател. Операторот- давател може да го одбие барањето за пренесување број доколку:
(а)    барањето се однесува на број што не постои;
(б)    барањето е поднесено од неовластено лице;
(в)    поднесеното барање не е потполнето согласно образецот на барањето;
(г)    бараниот број веќе е во постапка за пренесување, односно веќе е поднесено барање за пренесување на истиот број;
(д)    претплатничкиот број за кој се бара преносливост е времено или трајно исклучен од мрежата на операторот-давател;
(ѓ)     претплатникот има неплатени сметки, заклучно со последната доставена сметка.
Во случај на прифаќање на барањето за склучување на претплатнички договор со пренесување на број, операторот-примател склучува претплатнички договор со претплатникот во рок од 15 (петнаесет) дена. Операторот-примател е обврзан во рок не подолг од 1 (еден) работен ден по склучување на претплатничкиот договор да направи трансакција на запис во ЦБП за конкретниот склучен претплатнички договор.
Временската рамка за предавање на бројот започнува во рок од 2 (два) работни дена од денот на трансакцијата за запис на податоци во Централната База на Пренесени броеви (ЦБП). Временска рамка за предавање на број е временскиот период од 12:00 до 16:00 часот секој работен ден во кој истекува обезбедувањето на услугата од операторот-давател врз основа на претходно склучен претплатнички договор со него и почнува обезбедување на услугата од страна на операторот-примател врз основа на склучен претплатнички договор со пренесување на број. За време на овој период обезбедувањето на услугата може делумно или целосно да биде прекината.

Авторски права © 2024 Агенција за електронски комуникации. Сите права се заштитени.

Skip to content